Арабика или Робуста: во што е разликата?

Арабика или Робуста: во што е разликата?

Во светот постојат околу 25 различни видови растенија за кафе, но само два вида се одгледуваат и консумираат. Арабиката во целокупното светско производство учествува со околу 70% а Робуста околу 20%. Околу 10% припаѓа на други помалку познати сорти како што се: Либерика, Екселса, Стенофила, Арабуста, Бониери, Могенети и други.

 

Арабиката потекнува од Етиопија. Почна да се одгледува околу 1753 година. Потребни се посебни услови за одгледување, тропски планини и области со топла клима каде нема мраз. Стеблата се многу чувствителни и растат бавно, а можат да пораснат и до 5 метри. Денес, Арабиката се одгледува во Етиопија, Јужна Америка, Југоисточна Азија, Кина и Карибите.

 

Робустата за првпат е откриена во 1898 година во Заир, денешна Демократска Република Конго. Го добива своето име заради тоа што нејзините зрна се поотпорни на временските услови. Не бара посебно внимание, може да се одгледува во рамнини, на температура до 30 степени. Стеблата можат да достигнат висина до 10 метри.

 

Најголеми производители на Арабиката се Бразил, Колумбија, Мексико, Гватемала и Етиопија. Додека робуста најчесто се произведува во Виетнам, Индонезија, Уганда, Брегот на Слоновата Коска и Индија.

 

Главната разлика помеѓу Арабика и Робуста е во вкусот. Арабиката има поароматичен и побогат вкус, додека робуста има погорчлив вкус, без арома. Кафето што го купуваме и пиеме секој ден е обично мешавина од овие два вида.

 

Друга разлика е во процентот на кофеин. Робустата е горчлива токму поради повисокиот процент на кофеин 2,8% за килограм, додека Арабика има само 1,5%.

 

Исто така, постои разлика и во обликот на зрното. Зрното робуста е тркалезно, додека зрното арабика е издолжено и овално.

 

Без разлика дали станува збор за арабика или робуста, најважно е, пред се кафето што го пиете да е со висок квалитет, да е печено на прав начин и подготвено според вашиот вкус!